Компани: Против Реал ни беше потребна магија во одбраната
Тренерот на баварците, Винсен Компани, по натпреварот не го криеше задоволството од прикажаното, но потенцираше дека работата сè уште не е завршена.
„Сите во соблекувалната се мирни, свесни сме дека ни треба уште една победа за пласман понатаму. Но, сакам моите играчи да знаат дека победија на „Бернабеу“, а тоа вреди многу. Тоа ни покажува дека имаме квалитет и можеме уште повеќе. Таа верба и самодоверба мора да ја пренесеме и во следниот натпревар. Имавме чувство дека дуелот е израмнет и дека може да оди на двете страни, но исто така сметам дека ние создадовме подобри шанси“, изјави Компани.
Белгиецот се осврна и на индивидуалниот квалитет на противникот, особено на Винисиус Жуниор.
„Играчите на Реал се неверојатни, начинот на кој играат еден на еден... Ни беше потребна вистинска магија во одбраната и фантастични интервенции од Нојер. Но, кога ќе ги погледнам шансите што ги имавме, тоа ни дава дополнителна самодоверба дека можеме да постигнеме уште повеќе голови. Тоа е целта и на реваншот, пред нашите навивачи да направиме разлика. Се надевам дека повторно ќе создадеме вакви шанси и дека ќе знаеме да ги искористиме. Сепак, и овие два гола се добар резултат“, додаде тренерот на Баерн Минхен.