Коке: Редно е Атлетико да освои трофеј во Европа

Фудбалерот на Атлетико Мадрид, Коке, денеска изјави дека е време тој клуб да освои трофеј во европските натпреварувања по двата порази во финалињата на Лигата на шампионите.

„Сакаме трофеј бидејќи многу се боревме изминативе сезони, игравме финале, но не можевме да го освоиме. Сега е време тоа конечно да го направиме и да ги направиме среќни навивачите“, изјави Коке за шпанските медиуми.

Атлетико во 2014 и 2016 година играше финале во Лигата на шампионите и во двата наврати загуби од градскиот ривал Реал Мадрид. Сега ќе се бори против француски Олимпик Марсеј за трофеј во Лигата на Европа, во натпреварувањето кое Атлетико го освои во 2012 година.