
Ќе го урне ли Англија проклетството и конечно да стигне до финале на Еуро?
„Гордиот Албион“ без примен гол и со осум дадени ја има можеби неповторливата шанса за прво финале и 13-та репрезентација која играла во финале, да го искористи домашниот терен и поддршката од своите навивачи за да ја оствари целта, зашто досега во двете полуфиналиња кои ги играла, не успеала ниту еднаш да ја мине последната пречка до завршниот меч за трофејот.
Ова полуфинале против Данска за Англија е трето во историјата, прво по 25 години кога на домашно тло Германија по пенали со 6-5 (1-1) ја елиминираше и стигна потоа до пехарот, а првото полуфинале Англичаните го загубија во далечната 1968 година од Југославија со 0-1, две години откако во 1966 година се крунисаа за светски шампиони.
„Имаме неверојатна можност, ова е шанса да напишеме историја зашто никогаш не сме играле финале на Европско првенство. Ова е еден предизвик во кој треба да влеземе и да го искористиме, нема поголем притисок од тој што е. Пред нас е Данска, која има одличен тим, есеноска двапати игравме со нив, тоа го покажаа и на овој турнир. Очекувам фантастичен меч“, вели Герет Саутгејт, селекторот на Англија.
За Данска ова е четврто полуфинале во историјата, прво после историската 1992 година и освоената европска круна кога буквално од плажа беше собрана селекцијата за да игра на тој континентален шампионат после суспензијата за СФР Југославија, откако војната на овие простори веќе жестоко се распламна и во Хрватска и во БиХ.
Пред 29 години, преку Холандија на пенали со 5-4 (2-2), Данците обезбедија финале, а потоа стигнаа и до еврокруната, откако претходните две полуфиналиња ги загубија, во 1964 година од СССР со 0-3, а во 1984 година од Шпанија со 4-5 на пенали (1-1). Пред оваа генерација, која игра и за Кристијан Ериксен, кој преживеа срцев удар на стартот на шампионатот, сега е шанса да ја продолжат „бајката од 1992“ и да дојдат на чекор до нов херојски подвиг.
„Наша посебна мотивација ќе биде да ги замолкнеме навивачите, знаеме дека ќе биде тешко, за нас ова е како гостување, ама многу му се радуваме на мечот. Посакував полн стадион, да има и дел во црвено-бело, но овој меч има посебен шарм и навистина оптимисти сме дека можеме да направиме нов (ис)чекор“, вели Каспер Хјумланд, селекторот на Данска.
Победникот од овој меч во недела од 21 часот во големото финале ќе се соочи со Италија во битката за сребрениот трофеј, откако „аѕурите“ по пенали со 4-2 ја минаа Шпанија во фантастичната пресметка која по два часа игра заврши без победник 1-1.