Како ќе изгледа Суперлигата - ќе биде фудбалска НБА!

Дванаесет европски великани без актуелниот европски првак Баерн Минхен и моќниот ПСЖ синоќа после полноќ предизвикаа страшен земјотрес во европскиот фудбал објавувајќи отцепување во приватна Суперлига и тоа ден пред денешниот состанок на УЕФА и промоцијата на реформираната Лига на шампионите.

Сите великани на европскиот фудбал се отцепија со образложение за „подобрување на квалитетот и интензитетот на европскиот клупски фудбал, а сето ова е поради страшните финансиски загуби предизвикани од пандемијата со коронавирус, која жестоко удри на финансиите“.

Суперлигашите сега објавија дека планот е да има 15 постојани членки и пет кои ќе го заслужат настапот врз база на постигнатите резултати во тековната година, а екипите ќе бидат поделени во две дивизии, типично американски стил налик НБА, со по десет тима, а ќе играат од почетокот на август во лигашки дел дома и на гости, вкупно по 19 меча.

Најдобрите три одат во четвртфиналето, додека четвртите и петтите ќе играат бараж за последните две места меѓу најдобрите осум, а потоа низ елиминациска фаза ќе се стигне до супер-шпампионот.

Екипите нема да ги напуштаат домашните натпреварувања, туку само ќе ја расформираат ЛШ и ќе си играат сопствена лига во која приходите ќе им бидат астрономски, но сега прашање е како ќе реагираат најсилните три лиги, зашто нема германски и француски екипи, иако во заедничкото соопштение објавија дека е неприфатливо ваквото отцепување.

„Ќе му помогнеме на фудбалот на секое ниво и ќе го однесеме на вистинското место. Фудбалот е единствен глобален спорт во светот со повеќе од четири милијарди навивачи и наша одговорност е на големите клубови да одговорат на нивните желби“, објави Флорентино Перез, првиот човек на Реал Мадрид и претседател на новоформираната Суперлига.

Зад оваа лига стои мултинационалната корпоративна инвестициска банка „Џи-Пи Морган“ која ќе даде шест милијарди евра за да заживее Суперлигата, а секој клуб за учество од овие основачи ќе добие по 350 милиони евра, пати кои ги најавија дел од медиумите, но засега официјално не е потврдено. Вкупниот приход годишно се очекува на еден клуб да биде трипати поголем или до 200 милиони во однос на приходите од ЛШ.

Суперлигашите најавија и формирање на исто ваква женска лига во следниот период.

Милан, Арсенал, Атлетико Мадрид, Челси, Барселона, Интер, Јувентус, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Тотнем се основачи на оваа лига, а во најава е дека наскоро ќе им се приклучат уште три клуба, но не се посочува засега кои, а други пет треба да добијат повик да бидат дел од историското друштво на фудбалскиот крем. Овие клубови кои се отцепија ја напуштија и Европската клупска асоцијација (ЕКА), чиј прв човек беше газдата на Јувентус, Андреа Ањели, кој истовремено го напушти и Извршниот комитет на УЕФА чиј член беше како претставик од ЕКА.