
Јамал ќе мора да почека: Златната топка е за Усман Дембеле
Крилниот играч беше крунисан вечерва, на гала-церемонијата во Париз како петти Французин во историјата со најголемото индивидуално признание, по Мишел Платини, Жан Пјер Папен, Зинедин Зидан и Карим Бензема. Негов најголем ривал беше фудбалерот на Барселона, Ламин Јамал кој сепак, ќе мора да почека барем уште една година за да ја добие оваа награда. Зад нив двајца, до петтото место се пласираа Витиња, Мохамед Салах и Рафиња.
„Ви благодарам на ситe, неверојатно е ова што ми се случува. Без зборови сум. Сезоната со ПСЖ беше неверојатна, доживеав одлични работи, малку сум нервозен, не е лесно. Да се освои овој трофеј и Роналдињо да ми го додели е исклучително. Сакам да му се заблагодарам на ПСЖ, кој дојде да ме земе во 2023 година. На претседателот, целиот тим, клубот, кој е прекрасно семејство. Од првиот ден, претседателот беше многу добар кон мене.
Би сакал да им се заблагодарам на сите вработени во ПСЖ кои беа фантастични. Луис Енрике, кој сега ми е како татко. Тој беше многу важен за мојата кариера, иако сè уште нашата соработка не е завршена. Благодарност до сите мои соиграчи. Освоивме практично сè. Вие бевте покрај мене и успеавме да го подигнеме нашето ниво за да ги освоиме колективните трофеи. Тоа е индивидуална награда, но сите ја носиме дома како тим. Ви благодарам на сите тимови за кои играв. Во Рен, Дортмунд, клубот за кој отсекогаш сонував да играм, а тоа беше Барселона. Таму можев да учам покрај играчи како Меси и Иниеста. Тоа беше големо искуство, воодушевен сум. Кога ќе ја погледнам листата на легенди кои ја освоиле... Работев за тимот за да ја освоиме Лигата на шампионите, Лига 1... можноста да го однесам дома овој трофеј е неверојатна. Многу сум среќен. Благодарност до целата нова генерација на француската репрезентација.
Благодарност до селекторот кој секогаш ме потсетува дека можам да играм за репрезентацијата. Сакам да им се заблагодарам на сите тренери. Се надевам дека ќе триумфираме на Светското првенство догодина. На крајот, благодарам на мојата мајка која постојано беше со мене и ми беше постојана поддршка“, рече Дембеле кого емоциите го совладаа и неколку пати во солзи го прекина својот говор и зборуваше неповрзано.
Дембеле имаше фантастична сезона во дресот на ПСЖ со кој ја освои тројната круна: Лигата на шампионите, француското првенство и Купот на Франција. Покрај тоа, стигна и до финалето на Светското клупско првенство и завршницата на Лигата на нации со својата репрезентација.
Во женска конкуренција, Златната топка ѝ припадна на фудбалерката на Барселона, Аитана Бонмати.