Италија никогаш не загубила од Англија на големите натпреварувања!

Англија чека на прв голем трофеј по 55 години пауза, а Италија на својот прв европехар по пауза од 53 години, па еден од двата финалисти вечерва на „Вембли“ ќе се круниса за нов европски фудбалски владетел и ќе напише своја историја.

Англија и Италија ќе се судрат во меч кој треба да биде уживање, зашто и двете селекции одиграа одличен турнир, па сега завршната пресметка ќе решава кој ќе го крене сребрениот трофеј, а ако се погледнат меѓусебните дуели, севкупно, „аѕурите“ се за нијанса подобри, ама – убедливи на големите турнири.

Голем предизвик е вечерашното финале за Англија зашто „трите лава“ никогаш не успеале да ја победат Италија, дали на Европско првенство или на Светско.

Последен пат на голем турнир играа на СП во Бразил во 2014 година, кога во Манаус, „аѕурите“ славеа со 2-1. На Европско првенство се сретнаа во 2012 година, а таму, 4-2 на пенали за Италија во пресметката што се играше во Киев.

Од четири дуели на ЕП или СП, Италија има четири победи, а останатите две се на СП во Италија во 1990 година во мечот за трето место со 2-1 во Бари, а првата од четирите е од Еуро 1980 со 1-0 во групната фаза.

Инаку, Италија има десет победи од 27-те меѓусебни пресметки од кои 19 се пријателски, осумпати победила Англија, а девет меча завршиле нерешено, но Англичаните за нијанса имаат подобра гол-разлика – 33-31.