Две сценарија како ќе се играат квалификациите за европските купови?

Пандемијата со коронавирус која два ипол месеци го прекина фудбалот и го сопре нормалниот живот во светот, направи такви проблеми во најважната споредна работа на светот, па Европската фудбалска унија (УЕФА) никако не може да го искоординира календарот за завршување на актуелната и почетокот на новата сезона.

За 17 јуни е закажан Извршниот комитет на УЕФА на кој треба да се донесат сите одлуки, прво како ќе заврши оваа европска сезона, но и како ќе почне и по кој формат ќе се игра следната сезона, почнувајќи од квалификациите во кои четирите македонски европски клубови треба да играат. Засега не се знае ништо, ниту кога ќе почнат квалификаците, а уште помалку дали ќе се оди по стариот систем или ќе има промени.

Но, бидејќи ефектот од пандемијата не е ист секаде во Европа, УЕФА има сериозни пречки како сето тоа да го организира, најмногу поради рестриктивните мерки, па затоа и доигрувањето на сезоната се погласно се најавува дека ќе биде со фајнлејт турнир во еден град, каде ризикот од зараза е најмал. Ова и зашто нема доволно термини, длабоко се влегува во новата сезона...

Според некои информации кои ги објавуваат хрватските медиуми поради оваа ситуација која е во моментов, настрана згуснатиот календар, но и разните рестрикции во земјите кои не се исти насекаде има три опции како да се одиграат европските квалификации. Тоа што е сигурно е дека УЕФА нема да ги укине квалификациите, што и го најавија од Нион, по објавите на лондонски „Тајмс“.

Но, нормалниот систем дома-гости од претквалификации до плејоф (вкупно пет рунди) веројатно нема да се игра во новата 2020/21. Според првото сценарио е да се играат квалификациите во еден меч и тоа најверојатно клубот кој има подобар рејтинг да биде домаќин. Во ваква опција и во ситуација кога Вардар веројатно ќе извиси за лиценца, само Шкендија од македонските клубови би имала улога на носител и би го искористила „домашниот терен).

Втората опција е да се направат квалификациите на регионална база. Тоа би значело дека нема да има далечни патувања, туку македонските клубови би играле во балканска група и тука во некаков вид на квалификациски рунди да се изборат за подолг претстој во Европа. И во ова сценарио прашање е дали би се играло дома-гости или само еден меч.

Во двете опции што наводно постојат постои една опција воведните рунди од квалификациите да бидат по еден меч, а потоа во завршните рунди да се игра еден вид турнирски, така би се скратиле термините, а победниците од групите би добиле пласман. Ова посебно важи за Лига Европа, каде има многу поголем број на екипи во однос на ЛШ, особено што поразените од елитата исто така играат во подгрупа на квалификации за второто по ранг натпреварување.

Веројатно во овие турнири домаќинот ќе се бира или по коефициентот или според тоа каде има најмал ризик за мечеви на повеќе екипи, зашто не се проблем само фудбалските мечеви, туку и сместувачките капацитети, начинот на нивна превенција итн...

УЕФА за 12 дена треба да донесе многу клучни одлуки, пред сè и како ќе се игра фудбал во ек на корона, какви препораки ќе има за клубовите, како тие ќе се тестираат пред европските мечеви, како ќе се организираат патувањата, какви протоколи ќе мора секој домаќин да обезбеди...

ФФМ откако ја поништи сезоната најави дека ја чека комисијата за лиценцирање за да ги додели лиценците за клубовите, а потоа куќата на фудбалот да решава врз база на „спортски успеси“ кои клубови ќе одат во Европа во следната сезона.