Атлетико остана во живот, ПСЖ броеше до седум против Селтик (ВИДЕО)

Aтлетико Мадрид се фати за последната сламка за спас, ја совлада Рома и ќе чека шанса во последното во коло за второто место во групата. ПСЖ му се „истури“ на Селтик, а во дербито на вечерта беше најмирно, Јуве и Барса одиграа без голови.

Атлетико со головите на Гризман и Гамеиро ја совлада Рома со 2-0 во Мадрид, освои три бода и сега разликата помеѓу второпласираните римјани и нив изнесува два бода. Во последното коло Атлетико ќе мора да го совлада Челси, а Карабах да не загуби од Рома и ете ја четата на Симеоне повторно меѓу најдобрите 16.

Муса Дембеле во првата минута погоди против ПСЖ, но тоа беше сѐ од Селтик во Париз вечерва. До крајот на средбата, вкупно седум парчиња примија гостите, од кои по два постигнаа Нејмар и Кавани, а по еден Мбапе, Верати и Алвеш. Во истата група, Баерн го совлада Андерлехт со 2-1, а во последното коло ПСЖ и Баварците ќе решаваат за првото место во групата.

Манчестер Јунајтед го доживеа првиот пораз во Лигата на шампионите, откако како гостин во Швајцарија загуби кај Базел (1-0). Швајцарците дојдоа до значајни три бода со кои се вратија на второто место во групата каде претходно беше ЦСКА. Сега, Базел е во пол-позиција за пласман во наредната фаза, затоа што ЦСКА игра со Јунајтед на „Олд Трафорд“, а Базел, пак, гостува кај Бенфика која има пет порази на пет меча.

 Јувентус и Барселона во калкулантски натпревар одиграа 0-0 во дуел за заборав. Ваквиот исход на каталонскиот тим му донесе пласман во нокаут фазата, а „старата дама“ има еден бод предност во однос на Спортинг Лисабон, тимот на Стефан Ристовски, во пресрет на последното коло. Спортинг Лисабон славеше со 3-1 на домашен терен против Олимпијакос, а нашиот интернационалец влезе во игра во последните пет минути од мечот.

 

Резултати: 

Андерлехт - Баерн Минхен 1:2
Атлетико М. - Рома 2:0
Базел - Манчестер Ј. 1:0
Јувентус - Барселона 0:0
ПСЖ - Селтик 7:1
Спортинг - Олимпијакос 3:1
ЦСКА Москва - Бенфика 2:0
Карабах - Челзи 0:4