Англија е 13-та земја која ќе игра финале, а само две не успеале да освојат пехар!

„Вечниот фаворит“ Англија ја има вечерва шансата после 55 години повторно да освои голем трофеј и да се круниса за европски фудбалски владетел во своето прво финале на Европските првенства, во финалната пресметка против Италија на „Вембли“.

Англија е 13-та европска селекција која ќе игра финале и втор континентален шампионат по ред може да донесе нов европски првак, откако Португалија во 2016 година првпат ја освои еврокруната.

Во историјата на Европските првенства, почнувајќи од 1960 година, досега само две земји не успеале да освојат пехар, а играле во финале. Поранешна Југославија има две загубени финалиња, од 1960 и 1968 година, а Белгија едно од 1980 година. Сите останати земји кои биле финалисти, порано или подоцна успевале да стигнат до пехарот, како Португалија, која на домашно тло загуби од Грција во 2004, па триумфираше пред пет години.

Сега Англија има шанса да биде 11-ти победник во историјата како 13-ти финалист. Англија чека 55 години на голем трофеј, уште од мундијалската круна во 1966 година, додека Италија чека 53 години на трофеј од Еуро, зашто прв и последен пат ја освоија круната во 1968 година, а отогаш загубија две финалиња, во 2000 од Франција со „златен гол“ и во 2012 со најубедливиот пораз во историјата - од Шпанија (4-0).

Шпанците во 2008 година кога стигнаа до својата втора од трите круни, дојдоа до трофејот по пауза од 44 години, зашто претходно имаа трофеј од 1964. Сега, кој ѝ да победи, дали Англија или Италија, овој „рекорд“ од најдолго чекање на пехар, ќе биде надминат.