Бомбастична најава: Зидан седнува на најскапата клупа во светот!

Поранешниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, би можел да го замени Роберто Манчини на местото селектор на Саудиска Арабија, објавија денеска медиумите во Франција и Италија.

Шеиците веќе подолго време ја разгледуваат можноста да е блиску до одлука за отпуштање на италијанскиот стратег, кој има годишна плата од неверојатни 30 милиони евра. Причина за тоа е неодамнешниот пораз од Јапонија (0-2), проследен со ремито против Бахреин (0-0) во квалификациите за Светското првенство 2026 година, заедно со дебаклот од Азискиот куп на почетокот на оваа година. Манчини поради сето ова беше исвиркан од навивачите на последниот натпревар.

Зидан е без ангажман откако во 2021 година го напушти Реал Мадрид, со кој трипати по ред ја освојуваше Лигата на шампионите, а сега на него има голем „напад“ од Саудиска Арабија. Тој потфат ќе биде тежок, бидејќи некогаш најдобриот фудбалер на светот стана познат по тоа што учтиво ги одбиваше понудите и живее тивко надвор од светот на фудбалот. Главен адут на Арапите ќе бидат парите, со понуда за уште поголема плата од таа на Манчини, која е најголема во светот, заедно со улогата на главен амбасадор во кампањата на оваа земја за организацијат на Светското првенство во 2034 година.

Покрај Французинот, како можни замени за Манчини се споменуваат Аргентинецот Рамон Дијаз и Французинот Ерве Ренар, кои наводно веќе биле контактирани. Ренар веќе ја предводеше оваа селекција на Мундијалот во Катар и во првото коло го совлада идниот шампион Аргентина.