Работнички и МЗТ жестоко казнети – со играње без публика и со (по)празни каси!

Екипите на Работнички и на МЗТ Скопје во следните натпревари како домаќини ќе играат без публика, откако добија суспензија поради големиот инцидент на саботното вечно дерби во СРЦ „Кале“, кое поради канонада од петарди речиси час ипол беше во прекин па се доигра пред (полу)празни трибини.

Домашниот тим е казнет со два меча играње без присуство на навивачи и тоа пресметките против Чаир 2030 и против ТФТ, санкции добиени поради „слаба организација и допуштање внес на пиротехнички материјал кој можел да ги повреди актерите“, односно поради прекинот кој бил (многу) подолг од предвидените максимално пет минути од Пропозициите за натпреварување. Поради вториот прекршок настап на еден меч пред празни трибини доби и составот од Аеродром, кој на оваа средба беше во улога на гостин.

Вечните ривали се казнети и парично и тоа Работнички со сума од 68.000 денари, додека МЗТ Скопје е „олеснет“ за 64.000 денари. „Добрата“ вест за двата клуба е што КФМ од минатата сезона дозволува олеснување, односно преполовување на казната ако се плати во рок од една недела.