Жиру става крај на соработката во Милан и ќе се пресели преку океанот!

Францускиот ветеран, Оливие Жиру, според извештаите од Италија ја завршил работата на нов ангажман на крајот од сезоната и од лето ќе стане нов фудбалер на ФК Лос Анџелес.

Ова значи дека ќе игра во МЛС лигата и дека ќе потпише договор на 18 месеци. ЛАФЦ е клуб кој постои само девет години, но кој веќе беше шампион во американската професионална лига и во своите редови има неколку квалитетни фудбалери од кои најпознат е Уго Лорис. Сезоната во МЛС е усогласена со календарската година, за разлика од повеќето европски лиги, така што договорот на Жиру ќе истече практично на крајот на 2025 година.

Тој не сакаше да ја прифати понудата од Милан со кој се разделува по три години соработка. Французинот на „Сан Сиро“ дојде од Челси во летото 2021 година и се покажа како феноменална инвестиција бидејќи на 121 натпревар за Милан постигна 46 гола и додаде 20 асистенции за само 3 милиони евра. Тој во септември полни 38 години, а Милан ќе бара нов напаѓач.