
Во Барса бесни на Анчелоти - ги одмара играчите на Реал, а го малтретира Рафиња
Тоа го тврдат каталонските медиуми, како и претставници на Барселона кои гледаат двојни аршини во неговите последни потези, врзани за натпреварите на бразилската репрезентација. Со оглед на тоа што „кариоките“ уште во јуни го обезбедија пласманот на Светското првенство, последните натпревари се чиста формалност и тој одлучи да не ги повика фудбалерите од Реал: Винисиус, Родриго, Ендрик и Едер Милитао со цел тие да одморат затоа што имаа напорно лето и настап на Светското клупско првенство. Најмногу боде очи потегот со Винисиус кој беше суспендиран за мечот со Чиле, но можеше да настапи против Боливија, а Анчелоти сепак одлучи да не го повика.
На другата страна од паричката се наоѓа фудбалерот на Барселона, Рафиња кој не само што е повикан во септемврискиот циклус натпревари, туку се очекува утре да биде стартер на неважниот дуел против Боливија што се игра во Ла Паз на над 3.600 метри надморска височина. И во нормални услови најголем дел од фудбалерите се обидуваат да го избегнат ова гостување, а Рафиња треба да игра на натпревар кој нема никакво значење за Бразил и ризикува да се повреди пред многу поважните настапи на Барселона во шпанското првенство и Лигата на шампионите. Да биде иронијата поголема, тој исто како и Винисиус, во јуни беше суспендиран за првиот меч, но Анчелоти сепак го повика за вториот.
Сето ова предизвика револт во Барселона каде се бесни на италијанскиот стручњак, но немоќни да преземат нешто по ова прашање.