Станиќ: Италија игра на врвно ниво, мора да бидеме многу внимателни!

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година утре ќе се соочи против Италија на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2027 година.

Селекторот Горан Станиќ очекува поинаков натпревар од тој во Краков против Полска и посочи дека сакаат позитивен резултат против Италија.

„Полска е зад нас, ги воочивме грешките и ќе се потрудиме да не се повторат утре против Италија. Имавме и низа позитивни работи од мечот во Краков. Бевме речиси егал во посед на топка, ни недостасуваше последно додавање и завршница, а головите ги примивме наивно. Еден автогол, вториот од сомнителна ситуација за офсајд и последниот по индивидуална грешка. Резултатот не е мерило за играта. Фудбалерите се подготвени за Италија. Анализиравме и планот за мечот е направен. Италија е многу поразлична репрезентација од Полска. Играат различен систем, тактички се на врвно ниво, имаат брзи крила и треба да бидеме многу внимателни “, изјави селекторот.

Фото: ФФМ