Крај на спорот: Манчестер сити се договори со Премиер лигата

Манчестер сити и англиската Премиер лига денеска постигнаа спогодба со која се става крај на правниот спор што клубот го отвори околу новите правила за спонзорски договори во рамките на натпреварувањето.

Сити уште во февруари ги оспори измените што ги усвоија клубовите од Премиер лигата неколку месеци претходно. Овие измени дојдоа како последица на претходна правна постапка што ја иницираше Манчестер сити, со која Лигата беше принудена да воведе промени.

Правилата беа воведени со цел да се обезбеди фер пазарна вредност при склучување на комерцијални договори со организации поврзани со сопствениците на клубовите. Целта беше да се спречи вештачко „пумпање“ на спонзорствата, што може да ја наруши финансиската рамнотежа.

Во заедничко соопштение, Манчестер сити и Премиер лигата наведуваат дека се „согласни да го прекинат процесот“.

„Оваа спогодба означува крај на спорот меѓу страните околу AПТ равилата. Како дел од договорот, Манчестер сити прифаќа дека сегашните AПТ правила се валидни и обврзувачки“, стои во соопштението.

Треба да се потенцира дека оваа постапка е одвоена од далеку поголемиот и потежок случај што уште виси над гигантот од Манчестер кој е обвинет за повеќе од 100 финансиски прекршувања, направени во изминатите години. Случајот се разгледуваше пред независна комисија од септември до декември минатата година, но пресуда сè уште нема.

Фото: Manchester City/FB