Онана го остави без многу избор, Димитриевски донел одлука?

Мaкедонскиот голман Столе Димитриевски во изминатиот период се поврзуваше со повеќе клубови и се очекуваше да ја промени средината, но како што стојат работите изгледа дека ќе остане во Валенсија.

Македонскиот чувар на мрежата не е прв избор во Валенсија и поради тоа бараше клуб каде што ќе биде прв голман, а кога заврши преодниот рок во најсилните првенства, како опција се појави Турција и Трабзонспор, но седумкртниот турски шампион на крајот се одлучи за Онана.

Поради тоа во недостиг на адекватни понуди Димитриевски заедно со неговите најблиски наводно донел одлука да остане во шпанскиот клуб, барем до 1 јануари кога ќе биде отворен зимскиот преоден рок. Шпанските медиуми шпекулираат и дека во овој момент активена е понудата само од Ризеспор, но од самиот почеток, Димитриевски оваа понуда не ја сметал за доволно привлечна.

Валенсија пак од друга страна останува на истиот став и ако не се појави некаков пресврт или нова понуда, Димитриевски ќе треба на тренинзите да се бори за место во тимот. Наводно, тренерот Карлос Корберан е подготвен да му даде шанса, ако Димитриевски покаже желба и се фокусира повеќе на клубот, отколку на пронаоѓањето нова средина.

Исто така се потсетува и дека викендов се затвораат и пазарите во: Саудиска Арабија (11 септември), Турција (12 септември), Русија (12 септември), Грција (12 септември), Мексико (13 септември) и Катар (16 септември), па така јасно е дека Димитриевски нема избор.