„Италија е светска сила, очекувам полн стадион и прекрасна атмосфера“

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година утре во Битола на стадионот „Петар Милошевски“ ќе игра против Италија во рамките од квалификациите за ЕП 2027, а пред овој натпревар своите очекувања ги изнесе и Димитар Данев.

Фудбалерот на Вардар покажа респект за Италија, меѓутоа и порача дека ќе одиме по победата, без разлика што „Аѕурите“ се фаворити. Исто така очекува и одлична атмосфера на трибините.

„Очекувам прекрасна атмосфера, полн стадион и победа на Македонија. Кога го носиме македонскиот дрес, императивот секогаш е победа. Респект за Италија, знаеме што значи таа репрезентација за светскиот фудбал, но ние сме одлучни и утре ќе одиме на триумф. Италија е силна во организацијата на играта, треба да бидеме компактни во дефанзива и доволно брзи во нападот. 

Во овој натпревар избраниците на Горан Станиќ влегуваат по поразот од Полска (3-0) на гостински терен во Краков.

„Грешките се препознаени, а после мечот во Краков, фокусот ни е целосно на Италија. Како и секоја екипа, така и тие имаат слабости. Ќе дадеме сè од себе да ги искористиме и во Битола да ја израдуваме Македонија, тоа би била нашата честитка за големиот празник.“

Натпреварот е закажан за во терминот од 18:15 часот.