Тевез: Нè тераат со сила да го играме финалето!

Вечерва се случи вистински неред пред стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес пред реваншот во финалето од Копа Либертадорес, откако навивачите на Ривер плејт го каменуваа автобусот со фудбалерите на Бока јуниорс.

Во каменувањето беа повредени три фудбалери, од кои двајца посериозно, па нема да може да настапат на дуелот, а по хаосот фудбалерот на Бока, Карлос Тевез даде изјава и го обвини КОНМЕБОЛ дека ги тера со сила да настапат во Суперкласико.

„Сакам да им кажам на нашите фамилии дека сме во ред, има три-четири фудбалери со повреди. Ние сме во соблекувалната и ситуацијата е многу тешка. Сепак, ние не сме во состојба да го одиграме натпреварот, но тие (КОНМЕБОЛ) нè тераат со сила да играме“, кажа Тевез.

Инаку, натпреварот беше двапати одложуван, па најверојатно ќе се одигра вечерва од 23.15 часот.