„Роналдо најдобар во историјата? Па тој не е најдобар ни во својата ера!“

Кристијано Роналдо не можеше да го остави доделувањето на „Златната топка“ да помине скромно или барем нормално, туку по него самиот изјави дека е најдобриот фудбалер на сите времиња. Тоа повлече многу реакции, критики, дури и фактографски негирања.

„Франс фудбол“, редовно, го има првото интервју со добитникот на „Златната топка“, оваа година тоа беше поатрактивно од кога било.

„Не гледам никој подобар од мене. Ниту еден играч не прави работи кои јас не ги можам, но и другите не можат тоа што јас можам. Не постои покомплетен играч од мене. Јас сум најдобар фудбалер во историјата и во добрите и во лошите моменти“, рече Кристијано Роналдо и остана жив.

Многу фудбалери се јавија со реакција, а до вниманието се проби онаа на „бељаџијата“ Џои Бартон.

„Роналдо направи неверојатни работи, но најдобар во историјата? Мислам дека не е најдобар ни во својата ера“, рече Бартон, секако, алудирајќи на Лионел Меси.

Се разбира, кога му одеше, Роналдо правеше чуда и уриваше по три рекорди на вечер, но да се изјави такво нешто за самиот себе е претерано. Особено што, ова доаѓа во еден од најлошите периоди во неговата кариера, кога има само два гола на 10 натпревари во Ла Лига.