Реал Мадрид го совлада Арсенал на пенали: Гол на Бејл, тешка повреда на Асенсио (ВИДЕО)

Реал Мадрид го совлада Арсенал на пенали, откако натпреварот во регуларните 90 минути заврши 2-2 во рамки на „Интеранционалниот куп на шампони“.

„Кралевите“ останаа со десет играчи на теренот по само девет минути игра откако Начо Фернандез доби втор жолт картон за игра со рака во својот шеснаесетник. Александар Лаказет беше прецизен од белата точка да им донесе водство на „топчиите“ од 1-0. Пјер Емерик Обамејанг зголеми на 2-0 во 24-тата минута. 

Во 40-тата минута и Арсенал остана со десет фудбалери, откако Сократис Папастодополус заработи два жолти картони во рок од две минути.

Во второто полувреме, поточно во 56-тата минута Герет Бејл погоди за „кралевите“ и намали на 1-2, за само три минути подоцна Марко Асенсио да го израмни резултатот. Младиот фудбалер на Реал Мадрид неколку минути подоцна мораше да го напушти теренот поради повреда на коленото. Првите прогнози велат дека се работи за тешка повреда и Шпанецот може да ја пропушти речиси целата сезона.

Во пенал-рулетот, Герет Бејл промаши за Реал во првата серија, но потоа погодија Иско, Рафаел Варан и Винисиус Жуниор, додека кај Арсенал погодија само двајца, Нелсон и Сака, па шпанскиот тим славеше со 3-2. 

Реал го завршува турнирот со дуел со градскиот ривал Атлетико Мадрид во сабота рано наутро во Њу Џерси на „Мет Лајф“ стадионот, додека Арсенал се враќа дома и во недела го пречекува Лион на својот стадион „Емирати“.