Мундијалска програма: Воведни мечеви за два фаворити, Србија по бод(ови) со Костарика

Четвртиот ден на 21-то Светско првенство во Русија се враќа по стар формат со три меча денеска, од кои два на последните два фаворити од петте што сите стручњаци и обложувалници ги посочија како најголеми кандидати за светската круна – Бразил и Германија.

Денот го отвара северниот сосед Србија, која за да го реализира првично зацртаниот пан да ја мине групата, денеска ќе мора да ја победи Костарика во групата во која денот завршува со рпесметката на Бразил и Швајцарија, двете селекции кои по рејтинг се најдобри во оваа група. Светскиот првак Германија, пак, во терминот од 17 часот игра со Мексико и ја започнува одбраната на титулата.

КОСТАРИКА - СРБИЈА (14 часот, Арена Самара)

Пред четири Кодини Костарика беше една од селекциите кои најпријатно изненадија и стигнаа меѓу осумте најдобри, а во Бразил преживеаа пеколна група со Уругвај, Италија и Англија, па оттаму Србија ја очекува и тоа како тешка задача за да го мине денешниот противник, без оглед што „орлите“ имаат играчи вредни тешки милиони од Немања Матиќ, преку Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Андрија Живковиќ, Бранислав Ивановиќ, Александар Коларов... За Србија ова е прво СП по осум години, а на последното не се прославија, иако имаа и тогаш одлична генерација. Ако нешто оди во прилог на Србите е фактот што на Мундијалите е радицијата – имаат три од три против селекциите од Северна и Средна Америка (зона КОНКАКАФ).

Костарика: Навас – Гонзалез, Дуарте, Акоста, Гамбоа, Овиедо – Гузман, Боргес, Руиз – Болањос, Урена.

Србија: Стојковиќ – Ивановиќ, Миленковиќ, Тошиќ, Коларов – Матиќ, Милинковиќ-Савиќ, Тадиќ, Љаиќ, Костиќ – Митровиќ/

ГЕРМАНИЈА – МЕКСИКО (17 часот, „Лужники“, Москва)

Светскиот првак Германија е апсолутен фаворит, иако пријателските мечеви не ги одигра на ниво, па загуби од Австрија, а минимално ја победи Саудиска Арабија. Сепак, Јоаким Лев има и тоа како силен тим, во кој низа млади ѕвезди треба да донесат свежина во составот, во кој селекторот има уште еден џокер – Марко Ројс. Германија пред 36 години последен пат загубила на своето отворање на СП, а оттогаш дава во просек по 3,5 гола по меч. Сега, Мексиканците треба да му ја мислат, најмногу и затоа што пред една година на Купот на конфедерации во Русија загубија со 1-4. Последен пат меѓусебе на СП играле пред точно 20 години, а победила Германија со 2-1 во осминафиналето. Мексико само еднаш победил во меѓусебните дуели и тоа во 1985 година на пријателски меч со 2-0.

Германија: Ноер – Кимих, Боатенг, Хумелс, Хектор – Кедира, Крос – Милер, Озил, Дракслер – Вернер

Мексико: Очоа – Салседо, Ајала, Морено, Лајун – Ерера, Гуардадо – Вела – Корона, Ернандез, Лозано

БРАЗИЛ – ШВАЈЦАРИЈА (20 часот, Ростов Арена)

Првиот фаворит на СП, Бразил со Нејмар, Габриел Жесус, Кутињо, Вилијан, Марсело и останатите „кариоки“ тргнува во својот поход да го направи тоа што го испушти на домашно тло пред четири години – да ја освои светската титула. Прва пречка е незгодната Швајцарија, искусна селекција, која и во квалификациите покажа дека може да се носи со најдобрите, па пласман на СП обезбеди пред европскиот првак Португалија. Но, Бразил победил на 16 од 20-те досегашни свои воведни мечеви на Мундијалите, а двапати загубиле и тоа на почетоците на СП, од Југославија со 1-2 во 1930 и од Шпанија со 1-3 четири години подоцна. Оттогаш, немаат пораз на отворањето, па сега Швајцарија е таа што треба да смисли, како да се одбрани од страшниот напад и како да ги изненади „кариоките“.

Бразил: Алисон – Данило, Тијаго Силва, Миранда, Марсело – Касемиро, Паулињо, Фелипе Кутињо – Вилијан, Нејмар, Габриел Жесус

Швајцарија: Сомер – Лихтштајнер, Шаер, Аканџи, Родригез – Бехрами, Џака – Шаќири, Џемаили, Зубер - Сеферовиќ