Мбапе: Горд сум! Се запишавме во историјата!

Француската тинејџерска сензација, Килија Мбапе даде гол на СП, ја освои титулата најдобар млад фудбалер, а со Франција стана светски првак. Го достигна и големиот Пеле. Против Аргентина стана најмлад по Пеле што дал два гола на еден меч на СП, а сега втор најмлад после бразилската легенда што погодил во финале.

Што може повеќе да посака Мбапе со нецели 20 години. И самиот пресреќен, за француските медиуми само повторуваше – ние сме светски шампиони. Не е ни чудо, што на социјалните мрежи ја објави неговата најголема љубов - „златната божица“

„Пресреќен сум. Ова ми беше големата амбиција пред стартот на СП. Патот беше долг, ама ние сме – светски прваци! Горди сме, затоа што во животот секој посакува да ја освои светската титула. Горди сме затоа што ги направивме сите Французи – среќни!“, рече Мбапе, па продолжи:

„Најмлад светски првак по Пеле? Добро е тоа. Играм за вакви нешта. Секогаш велев дека не сакам да играм фудбал само така. Да се биде светски првак е нешто големо. Ќе продолжиме да работиме, за да бидеме уште подобри на следното првенство. Среќен сум за голот, беше прекрасен. Но, како и да е – светски прваци сме!“

На крајот го прашаа што ќе прави вечерва, а младиот суперталент си призна дека е спанко, ама од возбуда и после ваков успех – нема да спие

„Јас лесно заспивам. Спанко сум. Ама, вечерва нема спиење – одиме да славиме. Ова е момент за сите. Ова е момент за славје. За неколку недели се враќаме пак на фудбалот“, заврши Мбапе.