Кој ќе ја освојуваше „Златната топка“ да не постоеја Роналдо и Меси!

Кристијано Роналдо синоќа ја освои „Златната топка“ петти пат во својата кариера, со што се изедначи со Лионел Меси. Двајцата цели десет години го имаат „монополизирано“ прогласувањето на најдобрите на денешницава.

Почнувајќи од 2008, па до вчера нема многу возбуда околу тоа кој ќе ја добие „Златната топка“. Изборот е или Меси или Роналдо, а и тоа лесно се предвидува, гледајќи кој ја освоил Лигата на шампионите или имал некој репрезентативен трофеј.

Листата на добитници ќе изгледаше многу пошарено ако тие двајца не беа вака доминантни или ако, да претпоставиме хипотетички, воопшто не постоеја. Судејќи по поените кои се добиваат на гласањето, по две „Златни топки“ ќе добиеле Чави, Иниеста и Нејмар. Легендите на Барселона ќе се менуваа наизменично од 2009 до 2012 година, а Нејмар, покрај оваа 2017, ќе беше најдобар на светот и во 2015.

Листата почнува со Фернандо Торес, кој во 2008 беше во врвна форма во Ливерпул и стигнаа до полуфиналето од Лигата на шампионите. Во 2013 признанието ќе отидеше кај Франк Рибери, кој освои „трилинг“ со Баерн Минхен, во 2014 „Топката“ ќе ја кренеше Мануел Ноер, поради светската титула со Германија, а минатата година лауреат ќе беше Антоан Гризман по фантастичната сезона со Атлетико Мадрид.

„Златната топка“ ја доделува дневникот „Франс фудбол“ на најдобрите во секоја календарска година, со тоа што од 2010 до 2015, „Франс фудбол“ беше обединет со ФИФА и заедно ги прогласуваат најдобрите.

 

2017 - Нејмар

2016 - Антоан Гризман

2015 - Нејмар

2014 - Мануел Ноер

2013 - Франк Рибери

2012 - Андрес Иниеста

2011 - Чави Ернандес

2010 - Андрес Иниеста

2009 - Чави Ернандес

2008 - Фернандо Торес