Јужна Америка реши: Ако има СП на две години – нема да играме!

После европските лиги и ФИФПро, како и после УЕФА, јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ објави дека ако ФИФА ја протурка реформата со Светско првенство на две години, ниту една земја од најфудбалскиот континент нема да учествува!

Тоа што претходно Александер Чеферин, првиот човек на УЕФА го најави дека Европа и Јужна Америка се согласни дека не прифаќаат СП на секои две години и дека ќе бојкотираат ако се прифати проектот на Џани Инфантино, сега Советот на КОНМЕБОЛ само тоа го потврди.

„Нема ниту причини, ноту бенефит, а најмалку логично објаснување за промената на актуелниот формат за Светското првенство, односно за проектот што се промовира со промените. Десетте земји членки на КОНМЕБОЛ може да потврдат дека нема да учествуваат на Светско првенство кое би се играло на секои две години! Проектот што се турка е уривање на една стогодишна традиција, игнорирајќи една традиција на најважниот фудбалски настан. КОНМЕБОЛ го поддржува СП само во актуелниот формат и распоред, зашто се покажа дека е успешен модел“, објави КОНМЕБОЛ.

ФИФА неодамна закажа глобален фудбалски самит за 20 декември на кои ќе се промовира комплетно проектот за реформата наречен „иднина на фудбалот“, а досега светската централа се обидуваше со главните поенти да го претстави истиот, но не наидува на позитивни реакции, посебно во Европа и во Јужна Америка.

Дури нордиските земји се заканија со отцепување од ФИФА, ако светската организација упорно ја формсира реформата со Мундијалот.