Хорор во Бразил: Разбојници ограбиле женски тим, една фудбалерка сексуално ја малтретирале

Фудбалерките на Абелас Рењас преживеале вистински пекол после мечот со колешките од Флуминенсе, откако автобусот со кој тргнале на пат кон дома бил застанат од група разбојници, маскирани и вооружени до заби.

Разбојниците откако го сопреле автобусот и упаднале во него, ги ограбиле фудбалерките, но не застанале само на тоа, па една од нив почнале и сексуално да ја вознемируваат и да ја малтретираат. За среќа брзата интервенција на полицијата го прекинала изживувањето, а да не се појавеле толку брзо, според информациите насилството ќе кулминирало и со силување.

Откако полицијата се појавила, разбојниците се разбегале со личните работи кои ги одземале од фудбалерките, а нешто подоцна дел од украдените предмети биле пронајдени.

„Ова беше како од најстрашните хорор филмови. Не можевме да спиеме после траумата, размислувавме што сѐ можеше да се случи. А, можеше да биде и полошо од ова. Можеше да падне и крв, тоа најмногу нѐ плаши и е застрашувачко“, рекла Китерија Алвеш, претседателката на клубот.

Напаѓачите украле торба со документи и нешто пари во истата, а откако го застанале автобусот го избркале шоферот и потоа следел грабежот. Со ножеви тргнале по фудбалерките, иако имале и огнено оружје, а полицијата ги натерала на бегство откако испукала куршуми во воздух.