Филмската приказна на херојот на Гана – од локален талент до светска ѕвезда!
Додека навивачите во Торонто веќе се помируваа со разочарувачко реми против аутсајдерот во групата Л, играчот од средниот ред на дански Нордшеланд одлично реагираше по асистенцијата на Брендон Томас-Асанте и ја затресе мрежата за огромно славје. Со погодокот постигнат на 20 години и 153 дена, Јиренки стана најмладиот фудбалер во историјата на Мундијалите кој постигнал победнички гол во судиското продолжение на натпреварот. На вечната листа зад себе ги остави Фонсека, Сеферовиќ, Кејн и легендарниот Едгар Давидс.
За младиот Ганец ова е само продолжение на фантастичниот период во неговата кариера. Пред само неколку месеци беше прогласен за најдобар млад фудбалер во данската Суперлига, потоа го запиша дебито за сениорската репрезентација на Гана, а сега се претвори во национален херој со гол на најголемата светска сцена. Дополнителна симболика има и бројот на неговиот дрес – Јиренки ја носи „тројката“ која своевремено му припаѓаше на легендарниот Асамоа Ѓан, еден од најголемите фудбалери во историјата на Гана.
Гордоста сигурно е огромна и во неговиот роден Бечем, каде што таткото на Јиренки во својата столарска работилница веќе ја има истакнато фотографијата на синот во националниот дрес. Филмската приказна на ганскиот репрезентативец, од талент во локална академија до светска ѕвезда носи дополнителен оптимизам пред клучните натпревари против Англија и Хрватска, во кои ќе се решава патникот во нокаут-фазата на СП.
ФОТО: Facebook / Fabrizio Romano