Денот кога Гросо праша - „Зошто јас?“ и ѝ донесе светско злато на Италија (ВИДЕО)

На денешен ден во 2006 година Италија го освои Светското првенство во фудбал што се одржуваше во Германија откако на пенали ја совлада Франција.

Финалето можеби стана познато по црвениот картон на Зинедин Зидан откако со глава го удри Марко Матераци, но вистинскиот херој за Италијанците беше Фабио Гросо. Непознатиот бек доби историска шанса да биде херој на својата репрезентација и неговото име да биде запишано со златни букви во историјата на италијанскиот фудбал.

Кога селекторот Марчело Липи му соопшти на Гросо дека ќе го шутира последниот пенал, реакцијата на фудбалерот била, „зошто јас?“. Гросо бил изненаден од одлуката на искусниот стратег, бидејќи последниот пенал што го извел пред ова мундијалско финале бил пет години претходно во италијанската четврта лига.

„Ти си нашиот човек за последна минута“, му одговорил Липи на Гросо“, алудирајќи дека фудбалерот погоди во финишот против Германија во полуфиналето, а претходно изнуди одлучувачки пенал против Австралија во осминафиналето.