Белгијците се во проблеми до гуша, спас гледаат во Мундијалот

Белгискиот новинар Саша Таволиери тврди дека Фудбалската федерација на Белгија се соочува со сериозни финансиски проблеми и долгови.

Повикајќи се на извори од самата федерација, Таволиери наведува дека долгот изнесува дури осум милиони евра.

Според неговите информации, на фудбалерите не им се исплаќаат ветените плати и бонуси, а укината е и репрезентацијата до 16 години, која досега важела за една од најдобрите во светот. Дополнително, постои можност приходите на играчите од федерацијата да зависат од нивниот статус во националниот тим.

Сите надежи, според Таволиери, Белгија сега ги насочува кон претстојното Светско првенство.

Доколку селекцијата стигне барем до четвртфиналето, би можела да покрие дел од долговите. Во спротивно, доколку резултатите не бидат на посакуваното ниво, финансиската криза би можела дополнително да се продлабочи.

Репрезентацијата на Белгија моментално се наоѓа на деветтото место на ФИФА ранг-листата, а пласман на Мундијалот обезбеди директно како првопласирана од групата во која беше и Македонија, но и уште: Велс, Казахстан и Лихтенштјан.