Хакими за играњето со Меси: Беше тешко, не уживав
Иако од Меси се очекуваше да ја подигне играта на соиграчите, офанзивните квалитети на Хакими не дошле до израз по неговото пристигнување, кога во ПСЖ се формираше ѕвезденото трио со Нејмар и Килијан Мбапе..
Хакими и Меси пристигнаа во клубот во летниот преоден рок во 2021 година, но нивното доаѓање донесе и промена во стилот на игра. Тимот на тогашниот тренер Маурисио Покетино повеќе се фокусираше на напаѓачката тројка, што доведе до губење на потребната рамнотежа во екипата.
„Со доаѓањето на Меси се промени целиот проект на ПСЖ, а со тоа и стилот на игра. Игравме на поинаков начин и јас не уживав во тоа“, изјави Хакими.
Тој додаде дека поради новата тактика се чувствувал како спореден играч, правејќи споредба со неговата улога во репрезентацијата на Мароко, каде што секогаш имал клучно значење.
„Не можев да го правам тоа што го сакам, да напаѓам и да се чувствувам важен. Се чувствував како спореден играч. Се сеќавам дека размислував за ситуацијата во репрезентацијата, каде што сум еден од главните“, истакна Хакими.
Мароканецот призна дека тој период бил психолошки тежок за него, особено поради критиките за различните изданија во клубот и националниот тим.
„Ми беше психички тешко да играм во Париз онака како што сакам. Почнаа и критики, луѓето се прашуваа зошто за Мароко играм на еден начин, а во ПСЖ изгледам поинаку. Дали сум лош или има друга причина? Луѓето не ја разбираат таа разлика“, додаде тој.
Во тој период ПСЖ не го постигна посакуваниот успех во Лигата на шампионите, а Хакими своите најдобри настапи почна да ги прикажува дури по доаѓањето на тренерот Луис Енрике и заминувањето на Меси и Нејмар.