Автобусот на Бока останал без шофер, па потпретседателот возел за да се избегне – трагедија!

Вистинска драма се случивала во автобусот на аргентинскиот великан Бока јуниорс во моментите кога бил каменуван вчеравечер пред стадионот „Монументал“, каде фудбалерите требало против својот најголем ривал да се борат во реванш финалето од Купот Либертадорес за јужноамериканската круна.

Автобусот на Бока беше буквално скршен од нападот на хулиганите на Ривер, по што неколкумина фудбалери завршија во болница и со лекарска помош поради повреди кои ги добиле од скршените стакла на автобусот. Но, кој знае како ќе поминел автобусот, ако не скокнал потпретседателот на клубот да продолжи да вози откако по нападот возачот се – онесвестил.

Хаотичните сцени се случија нецели два часа пред официјалниот почеток на мечот, но потоа Суперкласико двапати беше пролонгирано, за на крај да се одложи за денеска вечер од 21 часот на истиот стадион. Автобусот минуваше кај поголема група на навивачи, кога разноразни предмети беа фрлени кон него, од камења, шишиња, па дури и „пепер-спрејови“...

Во општото лудило, а настратало стаклото на вратата каде што седел возачот, тој одеднаш загубил свест и тоа во момент додека возел. Кога видел дека ужасот може да биде уште поголем, потпретседателот кој седел веднаш зад возачот го фатил воланот и продолжил да вози за да стигнат до „Монументал“, каде лекарски екипи потоа им укажувале помош на повредените од нападот.

„Во еден момент од нападите, едноставно бев во бесознание. 'Паднав' и потпретседатлот на Бока го презема автобусот. Паолини го грабна воланот додека се вратам во нормала. Дадовме се од себе за да стигнеме живи на стадион. Можеше да се случи голема трагедија. Се сеќавам само дека гледав камења како паѓаат и удираат по шофершајбната. После тоа – на ништо не се сеќавам. Кога се приближивме кон стадионот, видов армија. Па ние одевме на фудбалски меч, а не во – војна!“, сведочел возачот на автобусот.