Аргентина со Скалони нема пораз од европски репрезентации

Актуелниот светски шампион Аргентина утре ќе го има најсериозниот тест на Мундијалот и тоа дури во полуфиналната фаза.

Откако досега, главно, се среќаваше со второкласни ривали, „гаучосите“ ги очекува дуел со европскиот вицешампион Англија која повторно атакува на највисок пласман и се надева на прва титула по 60 години чекање. Многумина ги гледаат „трите лава“ како фаворит во утрешниот меч, но ако се гледа традицијата, Аргентина има свои адути.

Откако Лионел Скалони ја презеде репрезентацијата во 2018 година, Аргентина нема пораз во дуелите со европски селекции. Одигра десет пријателски и официјални натпревари и притоа забележа седум победи и три нерешени резултати од кои два потоа доби на пенали.

Во 2019 година ремизираше со Германија (2-2), а потоа ги победи Италија (3-0), Естонија (5-0) и Полска (3-0), на Мундијалот во Катар ремизираше со Холандија (2-2 и победа на пенали со 4-3), ја совлада Хрватска (3-0) и во финалето одигра нерешено со Франција (3-3 и победи 4-2 на пенали). Оттогаш го совлада Исланд со 3-0 во пријателски меч и на актуелното Светско првенство беше подобра од Австрија (2-0) и Швајцарија (3-1).