Ако и имаше дилеми, повеќе ги нема: Бразил ќе игра на Мундијалот (ВИДЕО)

Со зголемувањето на бројот на учесници на Светското првенство на 48, од Јужна Америка директен пласман обезбедуваат шест од десет селекции што не оставаше голем простор за кикс на најдобрите.

Сепак, до ноќеска, на две кола пред крајот на квалификациите, Бразил не успеваше да го запише своето име меѓу учесниците, како последица на само шесте победи од вкупно 15 натпревари. Карло Анчелоти го оствари првиот триумф како селектор на Бразил откако ноќеска „кариоките“ го совладаа Парагвај со 1-0 и дефинитивно го обезбедија пласманот на Мундијалот во 2026 година.

Стрелец на голот беше Винисиус Жуниор, но и покрај победата, Бразилците беа далеку од своето ниво. Тоа беше и прв погодок воопшто на Бразил откако е Анчелоти селектор, имајќи предвид дека претходниот меч против Еквадор заврши 0-0.

Пласман на Светското првенство од јужноамериканската зона ноќеска обезбеди и Еквадор кому му беше доволен еден бод на гостувањето кај Перу кој го освои со тоа што мечот заврши без голови. Многу блиску до место на најголемата фудбалска манифестација се Уругвај и Парагвај на кои им треба еден бод на последните два меча, па и Колумбија која е сигурна на шестото место. За учество во баражот ќе се борат Венецуела и Боливија кои се на еден бод разлика.

РЕЗУЛТАТИ
Перу - Еквадор 0-0
Бразил - Парагвај 1-0
Аргентина - Колумбија 1-1
Уругвај - Венецуела 2-0
Боливија - Чиле 2-0

Standings provided by Sofascore