Шпанците најавуваат: Димитриевски ќе го менува повредениот Тер Штеген во Барса!?

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, од шпанските медиуми одново е ставен во конотација на евентуален трансфер во Барселона, откако пред две години имаше таква опција додека бранеше за Рајо Ваљекано, која на крајот не се реализира.

Каталонците останаа без првиот чувар на мрежата, Марк-Андре Тер Штеген, кој тешко го повреди коленото и за кого сезоната е веќе завршена, па очајнички бараат решение за заштита на гол-линијата. Димитриевски е е една од трите опции за трансфер во јануари, заедно со Алваро Валес и Ѓилерме Рестес.

Планот на Барса е резервистот Инаки Пења да брани до јануари, а кога ќе се отвори зимскиот преоден рок да биде ангажиран нов голман, кој би бил подолгорочна опција. Димитриевски летово потпиша за Валенсија, но е закован на клупата бидејќи Мамардашвили остана во клубот како позајмен фудбалер од Ливерпул.