Поради напад врз судија: ФФМ експресно го суспендира теренот во Кавадарци!

Екипата на Тиквеш извесен период ќе мора да игра надвор од својот матичен стадион во Кавадарци, откако тој денеска беше суспендиран од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Причина за тоа е прекинатиот неделен меч против Вардар, кој предвреме заврши при резултат 1-0 за гостинскиот тим поради повреда на еден од судиите, кој со тврд предмет бил удрен од публиката.

„Теренот на Градски стадион Кавадарци се суспендира поради напад (фрлено полно пластично шише ) кон втор асистент судија Гоце Петревски при што натпреварот бил прекинат. Суспензијата трае до донесување на конечна одлука на Дисциплинска комисија на ФФМ. Комисијата за натпревари на ФФМ според член 87 и 90 од Правилник за натпреварување на ФФМ со службен резултат ГФК Тиквеш 1930- ФК Вардар 0:3 го регистрираше овој натпревар“, се вели во соопштението од Куќата на фудбалот.