Македонската фудбалска репрезентација очекувано ја запиша втората победа во овие евроквалификации и со вечерашата победа против Летонија во Рига (2-0), црвено-жолтите стигнаа до осум бода и остануваат со шанси до крајот во следните два месеци да се борат за директна виза на Евро 2020 низ Европа.

Само три минути им требаа на македонските репрезентативеци за да исчекорат кон победата и тоа во првата половина од првото полувреме, кога Елиф Елмас му асистираше на Горан Пандев за водство во 14-та минута, а три минути подоцна Енис Барди со удар од 16 метри го дуплираше водството и со тоа практично победата на Македонија не беше доведена во прашање.

Летонија и вечерва покажа дека е една од најслабите селекции на Стариот континент, па фудбалски во ниту еден момент не можеа да им парираат на избраниците на Игор Ангеловски и одвен неколку удари, не успеаа да искреираат ниту една шанса за 90 минути и најголемит зицер го имаа во 84-та минута по очајна наша грешка, кога Гутковскис имаше отворен шут но го промаши целиот гол.

Можеше и требаше Македонија да дојде до уште поубедлива победа, но Пандев промаши зицер сам пред голманот по нешто повеќе од половина час (голманот Ванис го одбрани обидот за лоб), а чуварот на Летонците спречи и удари на Иван Тричковски и Елмас во првиот дел, а најмладиот репрезентативец еднаш од добра ситуација лошо биеше над голот. Капитенот Пандев во вториот дел ја имаше најзрелата шанса, чиј опасен шут Ванис сепак го одбрани, а во неколку обиди лошото завршно додавање не донесе уште некоја сериозна шанса за погодок плус во мрежата на домаќините.

Ова беше трет меч и трета победа за Македонија во пресметките со Летонија, а првпат не примивме гол и тоа зашто овојпат дефанзивата не дозволи да си ја погоди својата мрежа како во претходните два дуели во изминативе пет години (2-1, 3-1).

Следен предивик на Македонија е дуелот во Скопје со Словенија на 10 октомври, а три дена подоцна е гостувањето кај Полска во Варшава. Последните два меча во ноември се дуелот на 16 ноември кај Австрија и домашната пресметка на 19 ноември со Израел.