Илиев во баксузната 13. минута сериозно го повреди лактот и - ја заврши сезоната!

Своевремено еден од најталентираните македонски голмани, Дејан Илиев, кој пет години беше дел од тимот на Арсенал, предвреме ја заврши сезоната, откако на последниот меч во дресот на Хелсинки се здоби со сериозна повреда на лактот.

Тој настрада во 13. минута од завчерашното гостување на најреномираниот фински тим кај СЈК (2-1), а по деталните лекарски прегледи беше утврдени дека ги скинал лигаментите и дека веднаш треба да биде опериран.

„Поради повредата ќе ги пропуштам сите средби до крајот на сезоната во Финска. Но, уверен сум дека ќе се вратам уште посилен по овој нов драматичен момент од мојата кариера“, изјави Илиев.

Македонскиот голман без разлика на големиот талент не успеа да се наметне во тимот на Арсенал најмногу поради загубените 25 месеци поради повреди во клучниот период од играчкиот развој. Малерите го следеа и потоа, па речиси да немаше настап за некој клуб без да пропушти извесен период поради здравствени проблеми. Пред доаѓањето во Хелсинки, за кој одигра седум натпревари, Илиев настапуваше за Тренчин, Серед, Јагелонија и Шресбери.