Божиновски по три години пак ќе биде главен на судиите во ФФМ!

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе неколку одлуки, меѓу кои беше и враќањето на Емил Божиновски на позицијата претседател на Судискиот одбор, како и одлука за формирање на репрезентативна селекција до 20 години.

Пред три години Божиновски се повлече од функцијата претседател на Судискиот одбор на ФФМ, меѓутоа Емил сега повторно се враќа на таа позиција на местото на Александар Ставрев, додека за член на Судискиот одбор е назначен Јосип Бартон на местото на Дејан Костадинов.

Божиновски е поранешен македонски судија и има богато искуство на домашна и европска сцена, откако судеше натпревари од Лига на шампиони, Лига Европа и квалификации на други натпреваруавња, а по завршување на кариерата станува контролор на судење на натпревари во организација на УЕФА и ФИФА.

Управниот одбор на ФФМ денеска го постави и Александар Таневски за селектор на новоформираната македонска репрезентација до 20 години. Новиот предводник во изминатите осум сезони работеше во Првата и Втората лига, односно ги предводеше своите тимови на 196 натпревари.

Во продолжение следат одлуките на денешната седница на Управниот одбор на ФФМ.

-  У.О. на ФФМ ги усвои пропозициите за натпреварување во Прва, Втора и Трета македонска фудбалска лига за сезоната 2025/26;

-  У.О. на ФФМ ги усвои пропозициите за Куп натпреварувањето во сениорска конкуренција (мажи) за натпреварувачката сезона 2025/26;

-  У.О. на ФФМ ги усвои предложените измени и дополнувања на Правилникот за натпреварување на ФФМ;

-  У.О. на ФФМ ги усвои измените и дополнувањата на Правилникот за регистрација, статус и трансфер на фудбалери; 

-  У.О. на ФФМ донесе одлука за именување на Александар Таневски за селектор на новоформираната македонската репрезентација до 20 години.

-  У.О. на ФФМ донесе одлука со која Емил Божиновски е именуван за нов претседател на Судискиот одбор, на местото на Александар Ставрев. Јосип Бартон е назначен за член на Судискиот одбор на местото на Дејан Костадинов.