Адеми: „Понижувачки“ гледаат на Македонија дека сме најмали, аутсајдери, ама ќе – изненадиме!

Капитенот на хрватскиот првак Динамо Загреб, Аријан Адеми, кој во моментов е во полн ек на подготовки со „модрите“ за стартот на пролетниот дел од сезоната и пред сѐ шеснаестинафиналниот двобој со руски Краснодар во Лига Европа на средина од февруари, уште еднаш амбициозно најави дека со Македонија на Евро 2021 ќе бидат – вистинско изненадување.

Многумина преоптимистички гледаат на изјавата на Адеми дека на дебито на големата сцена на Македонија, репрезентацијата ќе направи нешто големо, ама за тоа борбениот фудбалер за врска е убеден од едноставна причина дека сите на нашата селекција гледаат помалку „понижувачки“, со потценување, како тотални аутсајдери...

„Со Македонија може да направиме многу, јас сум убеден дека ќе бидеме изненадување на Евро 2021 и дека ќе направиме големи работи. Знам дека ова е многу амбициозна изјава, верувам дека така звучи, ама сите ние во репрезентацијата посакуваме на нас сите да гледаат како аутсајдери. Сите некако да гледаат на нас 'понижувачки'. Ние сме најмали, ама како такви сме – најопасни! Оваа репрезентација има сјаен карактер, сите гриземе и затоа велам дека можеме да направиме големи работи“, посочува Адеми

Македонија на Евро 2021 ќе дебитира на 13 јуни против Австрија во Букурешт, а четири дена подоцна, на 17 јуни, ќе се соочи со Украина на исто место, додека последниот меч во групата ќе го игра во Амстердам против великанот Холандија на 21 јуни.

Одличниот играч за врска, кој е клучна алка веќе со години во Динамо посочи дека нема проблем целата кариера да ја мине во загрепскиот тим, но најави дека можно е да се испроба и во 'лига петка' (во една од најсилните пет лиги во Европа), ако дојде сериозна и профатлива понуда, како за него, така и за хрватскиот првак.

„Сѐ е можно околу мојата кариера, па и до крај да останам во Динамо. Не жалам ни за една секунда помината во овој клуб, тука ги испишав најубавите приказни од својата кариера и за мене нема поголема чест и задоволство од тоа. Но, очекувам и нешто за трансфер. Ако дојде нешто од 'лига петка', радо би се пробал таму. Можам јас да играм и подобро од ова досега, учам од ден на ден, сакам да напредувам и постојано гледам што можам да поправам во својата игра. Постојано се трудам да се подобрам“, вели Адеми