За Дејан Илиев нема одмор - се врати во Арсенал за да ја одржува формата!

Иако во Словачка заврши есенската полусезона, а со тоа македонскиот репрезентативен голман Дејан Илиев, кој во овој клуб дојде на едногодишен заем од лондонски Арсенал, пауза и одмор за младиот чувар на мрежата нема. Илиев денеска се појави во Лондон, на тренинг со својот матичен клуб и таму ќе остане за да ја одржува формата.

Илиев летоска дојде во Серед за да има стандардна минутажа и да напредува во кариерата, зашто повеќе не можеше да брани за тимот до 23 години на „топчиите“ и есенва ги одигра сите мечеви, одбрани пенал, неколкупати запиша „чиста мрежа“. Но, за него годината со последниот меч за словачкиот клуб не завршува.

Во Арсенал сега ќе тренира за да остане во форма, што само уште еден показател за професионализмот на елитните клубови, кои не ги распуштаат своите фудбалери на предолги одмори, иако во лигите каде играат на заем веќе им заврши првиот дел од сезоната.

„Тука сум во Арсенал за да ја одржувам формата. Во Словачка има зимска пауза, а јас тука тренирам секојдневно“, вели Илиев.

Македонскиот голман веќе шест години е дел од славниот лондонски клуб, стигна до трет голман на првиот тим, но не доби шанса да заигра засега ниту еднаш во Премиерлигата. Илиев во последниот период е дел и од македонската сениорска репрезентација, но засега е во сенка на единицата Столе Димитриевски.