Во Наполи не им се верувало после прегледите колку Елмас бил физички спремен!

Најскапиот македонски фудбалер Елиф Елмас имаше бурни 48 часа, откако од Истанбул се пресели во Италија за да ги мине лекарските прегледи во Рим, па да потпише петгодишен договор со Наполи и без тренинг вчера да дебитира за италијанскиот вицепрвак, патем добивајќи овации од навивачите кога се појави на теренот на пријателскиот меч со Кремонезе (3-3).

Елмас во Наполи дојде за македонски рекорд, но и клупски рекорд на Фенербахче – 16 милиони евра плус бонуси од три милиони евра. Потпиша петгодишен договор вреден 7,5 милиони евра, но тоа што уште на почеток ги импресионирало наполитанците биле – лекарските прегледи.

„Тутоспорт“ објави дека во Наполи биле воодушевени од физичките тестови, кои ги надминале сите очекувања на луѓето од вицепрвакот.

„Тестовите после лекарските прегледи, пред се на физичката подготовка ги надминаа сите очекувања во Неапол. Очигледно е дека Наполи зема голем талент, кој е неверојатно спремен, млад, со голем потензијал и за кого допрва во следните години многу ќе се зборува“, објавил весникот.

Македонскиот бисер за две години од голем талент кој за 180.000 евра играше за Работнички стигна до трансфер стопати поголем, од кои најмногу ќари истанбулскиот великан.