Тотнем тргна со победа, Вест Хем доживеа шок кај повратникот Сандерленд! (ВИДЕО)

Тотнем со убедливи 3-0 го совлада Барнли во меч во кој главната ѕвезда беше Ришарлисон, со истиот резултат Вест Хем неочекувано загуби кај Сандерленд, Фулам во 96. минута се спаси од пораз на гостувањето кај Брајтон.

Освојувачот на Лига Европа, тимот на Тотнем одлично ја почна новата сезона во Премиер лигата.

Победата ја најави Ришарлисон уште во 10. минута, а Бразилецот по 15 минути игра во вториот дел постигна спектакуларен гол за предност и од 2-0.

Конечните 3-0 беа дело на Џонсон во 66. минута.

Вест Хем беше благ фаворит на гостувањето кај повратникот во Премиер лигата, Сандерленд, но работите не се одвиваа според очекувањата.

Еден час мрежите мируваа, конечно во 61. минута Мајенда го отвори резултатот и донесе водство за Сандерленд од 1-0.

Десетина минути подоцна Балард зголеми на 2-0, а Исидор во судиското продолжение ги постави конечните 3-0.

Орајли од пенал во 55. минута погоди за водство на Брајтон над Фулам од 1-0. Се очекуваше дека со тој резултат ќе заврши натпреварот, но Родриго Муниз даде гол во 96. минута за израмнување на 1-1.