Толку беше од Емери: Арсенал му врачи отказ!

Унаи Емери повеќе не е менаџер на Арсенал, откако клубот денеска го отпушти поради слабите резултати сезонава во Премиерлигата. 

Шпанецот беше на клупата на „топчиите“ само 18 месеци, а го наследи легендарниот Арсен Венгер, кој пак го водеше клубот цели 22 години. Арсенал сезонава под водство на Емери оствари само четири победи во Премиерлигата. Синоќешниот пораз од Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на Европа ја „прели чашата“ кај челниците на премиерлигашот. 

„Искрено му благодариме на Унаи и неговите соработници за нивните напори да го вратат клубот на старите патеки и нивото на кое ние баравме. Му посакуваме на Унаи многу успех во иднина“, изјави Џош Кренке, еден од ко-сопствениците на клубот. 

Поранешниот фудбалер на „топчиите“, Фреди Љунберг ќе биде привремен менаџер на тимот, кој изминатиот предиод работеше со резервниот состав. 

Арсенал е во серија од пет натпревари без победа во Премиерлигата. Последниот триумф го оствари на домашен терен против Бормут од 1-0 на шести октомври. По 13 одиграни натпревари, клубот се наоѓа на осмата позиција во англиската елита со 18 бодови или скор од четири победи, шест ремија и три порази.