Тинејџерот на Челси со првенец во 96. минута го расплака Ливерпул! (ВИДЕО)

Екипата на Челси со гол во последните секунди од натпреварот успеа да слави во дербито со Ливерпул со 2-1, а херој беше 18-годишниот тинејџер Естевао.

Од почетокот се играше отворено со по некоја добра прилика и на двете страни. Резултатот беше отворен по само 14 минути игра кога Каиседо кој во еден момент беше блиску и до потпис со Ливерпул постигна убав гол со удар од далечина. Тоа беше и единствениот гол во првиот дел.

Динамичната игра со по некоја прилика пред двата гола продолжи и во вториот дел, а Ливерпул до израмнување стигна во 63. минута кога Коди Гакпо по асистенција на Исак стрелаше за 1-1.

Победата „сините“ ја обезбедија дури во шестата минута од судиското продолжение кога младиот Бразилец блесна и во фантастичен момент го постигна својот првенец во Премиер лигата.

За Ливерпул ова е втор пораз во низа во Премиер лигата, но и трет вкупно во сите натпреварувања со што Арсенал ќе остане лидер по ова седмо коло со 16 бода, „црвените“ останаа на 15. Челси од друга страна со 11 дојде до шестата позиција.

Фото: Chelsea FC