Судијата доби „единица“: Од Леганес грмат - украдена ни е победата над Реал Мадрид!

Судиските одлуки повторно се во центарот на вниманието по победата на Реал Мадрид, овој пат синоќа над Леганес (3-2), предизвикувајќи остри реакции од гостинскиот тим и медиумите.

Главниот судија на натпреварот доби најниска оцена (единица), што дополнително ја разгоре дебатата за пристрасноста на судењето. Леганес на својот официјален профил на социјалните мрежи изрази незадоволство, наведувајќи дека нивниот тим бил оштетен од одлуките на арбитерот. Медиумите исто така ги доведоа во прашање некои од клучните моменти на натпреварот. Најспорниот момент се случи во судиското надополнување, кога Раул Асенсио, според гостите, направи прекршок врз противничкиот играч откако ја промаши топката. Судијата не реагираше, што предизвика незадоволство кај Леганес.

Тренерот Борха Хименез ја коментираше ситуацијата, нагласувајќи дека не сака да ги доведува во прашање судиите, но дека неговиот тим немал среќа со одлуките.

„На овој стадион само Барселона успеа да победи, додека Атлетико освои бод. Сметам дека и ние заслуживме да останеме непоразени, можеби дури и да победиме. Се надевам дека ова ќе нè зајакне“, изјави Хименез.

Контроверзиите околу судењето во корист на Реал Мадрид се повторуваат од почетокот на сезоната, а овој случај само дополнително ги разгоре дебатите во фудбалската јавност.