
Станува тензично меѓу Нико Вилијамс и Барселона, клубот има и план Б!
Минатата недела се чинеше дека доаѓањето на Нико Вилијамс во Барселона е само прашање на време, но сега веќе не е така.
На почетокот од идниот месец ќе биде активна откупната клаузула на Нико Вилијамс од 58 милиони евра која поради инфлацијата ќе се зголеми на 62 милиони евра.
Барса се сложува да ја плати оваа сума, но нејасно ќе биде дали ќе може да го регистрира фудбалерот поради финансиската ситуација во која се наоѓа.
Тензиите меѓу двете страни настанале откако играчот преку својот агент побарал јасни гаранции дека ќе биде регистриран навреме за почетокот на новата сезона во Ла Лига.
Тој не сака да му се случи сценариото на Дани Олмо кој беше регистриран само откако тешка повреда заработи Андреас Кристенсен, за потоа во јануари да остане без регистрација, па со помош на правна дупка да продолжи да игра до крајот на сезоната.
Барселона во овој момент не може да му даде гаранција на Нико Вилијамс дека ќе го регистрира, но и покрај тоа инсистира фудбалерот да им ја прифати понудата, ако тоа не се случи тие ќе тргнат по реализација на план Б.
Според „Мундо Депортиво“, планот Б на Барселона е да тргне по Луис Диаз од Ливерпул.