Ристовски: Во спортот за 12 месеци внесовме 20 милиони евра - за да биде достапен за сите!

Министерот за спорт, Борко Ристовски, на денеска пред јавноста го презентираше годишниот отчет за работата на Министерството, при што истакна дека во првата година од неговото формирање е постигнат значаен напредок во поддршката на македонскиот спорт.

Тој потенцира дека во изминатите 365 дена работата на Министерството за спорт било насочен кон подигнување на македонскиот спорт на повисоко ниво со фокус на изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и воспоставување на стабилен систем во кој се вреднуваат резултатите.

„Кога го формиравме Министерството за спорт, целта беше спортот да го добие заслуженото место како една од најважните општествени области. Една година подоцна, можам слободно да кажам дека ја остваривме првичната цел“, изјави Ристовски.

Министерот посочи дека фокусот бил ставен на стабилизирање на системот, вложување во инфраструктура и директна поддршка на клубовите, федерациите и спортистите.

„Идејата беше да воспоставиме јасни критериуми, стабилен систем и да дадеме институционална поддршка на највисоко ниво. Да создадеме услови секое дете да може да спортува“, рече тој.

Во првата година од работењето, Министерството исплатило рекордна сума пари за поддршка на спортот.

„Периодов исплативме рекордни 20 милиони евра финансиска поддршка за македонскиот спорт. Овие финансии спортските федерации, клубовите и спортистите сега ги добиваат директно од државните субвенции, а добиваат и дополнителните средства што законски се издвојуваат од игрите на среќа. Во овој дел ги исплативме заостанатите ветени и нерелизирани субвенции од претходната власт во висина од 550 милиони денари за претходната година. Потоа, за четири месеци во 2025 година обезбедивме и исплативме уште 440 милиони денари како прв дел од државните субвенции за спортот за оваа година. До крајот на годината на спортските субјекти ќе им биде исплатен и вториот дел од субвенциите“, додаде Ристовски.

Преку средствата од игрите на среќа биле поддржани врвниот спорт, училишниот спорт, женскиот спорт и младите таленти. Како дел од политиката за поддршка на младите, доделени се 500 стипендии „Спортска надеж“.

„Младите спортисти се темелот врз кој ја градиме иднината. Наша задача е да ги поддржиме и да им дадеме шанса“, рече министерот.

Со неодамнешните законски измени, вкупно 22 истакнати спортисти добија Национално спортско признание за постигнатите меѓународни успеси.

„Ова нека биде поттик за нови генерации. Покажавме дека можело да се направи тоа“, порача Ристовски.

Во делот на инфраструктурата, Министерството реконструирало спортски сали во Радовиш и Ново Село и изградило атлетска патека во Гевгелија. Почнати се реконструкции и нови проекти во Скопје и на УКИМ.

„Не можеме да очекуваме резултати ако спортистите немаат каде да тренираат. Затоа почнавме сериозна акција – спортот мора да биде достапен во секое маало и во секое училиште“, изјави министерот.

Изградени се 15 нови мултифункционални игралишта и реконструирани се уште 15 спортски центри низ државата. Откочени се и повеќегодишни застои во изградбата на пет базени – два во Скопје, по еден во Кичево, Битола и Штип. Продолжена е и изградбата на базенот во Охрид.

„Овие проекти беа оставени како руини со години. Сега сите пет базени се во напредна фаза и ќе бидат пуштени до крајот на летото“, најави Ристовски.

До крајот на 2024 година, реализацијата на капиталните инвестиции достигнала 98,26-отсто, а само во првите шест месеци од 2025 веќе се реализирани 74,32-отсто од годишниот план.

„Ова е само почеток. Го поставивме темелот, ја враќаме довербата и сега продолжуваме уште поодлучно“, истакна Ристовски.

На меѓународен план, потпишани се меморандуми за спортска соработка со Србија и Црна Гора, а Македонија се приклучува на нови регионални проекти.

„Го етаблиравме македонскиот спорт и надвор од границите. Работевме дома, но и меѓународно“, додаде тој.

Министерот заврши со порака дека Министерството ќе продолжи да вложува во спортот со цел тој да стане достапен за сите, а македонските спортисти достојно да ја претставуваат државата.

„Ќе продолжиме да ги вреднуваме резултатите, да ги почитуваме спортистите и да промовираме вистински вредности“, заклучи министерот Борко Ристовски.