
Димитриоски ја заврши шпанската епизода и потпиша за РК Прилеп!
Левото крило имаше одличен период во Ваљадолид, а сега ќе биде дел од проектот на Прилеп, клуб што ова лето го редефинира својот курс со ангажман на нов тренер и неколку засилувања. Димитриоски е добро познат на домашната сцена – кариерата ја започна во Металург, со кој во 2019 година го освои Купот на Македонија. Подоцна настапуваше и за Вардар, со кого стигна до двојната круна, пред да премине во редовите на Пелистер 2. Димитриоски го носеше дресот на младинската селекција на Светското првенство во 2017 година, а настап имаше и за сениорската репрезентација на СП во Египет во 2021 година.
Прилеп веќе го промовираше Наум Танески како нов предводник на стручниот штаб, а ги продолжи договорите со неколку носители на играта како Владан Кастратовиќ, Денис Шабановиќ, Томислав Квастек, Александар Тренчевски и Иван Ангелески. Покрај Димитриоски, нови имиња во составот се и интернационалците Сандро Дарсанија и Божидар Лековиќ.