Шоуто на Димитриевски остана ненаградено: Реал со 10 играчи до пресврт и прво место (ВИДЕО)

Многу потешко од очекувањата, екипата на Реал Мадрид славеше вечерва на гостувањето кај Валенсија во заостанатиот натпревар од шпанското фудбалско првенство.

Безмалку еден час „кралевите“ беа во негатива, промашија пенал, останаа со играч помалку, но успеаја да слават на жешкиот терен на Местаља со 2-1. Со тоа остана ненаградено шоуто на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски кој имаше неколку интервенции, остана несовладан од пенал и изнуди исклучување за Винисиус во 80. минута.

Валенсија поведе преку Хуго Дуро во 27. минута откако Куртоа одбрани еден удар, топката се одби, а играчот на домашниот тим само ја спроведе во мрежата. Во финишот од првото полувреме Винисиус излезе сам пред Димитриевски, но нашиот голман го одбрани неговиот удар. Во 55. минута Реал доби пенал за прекршок над Мбапе, шутираше Белингам, ама ја погоди само стативата, а нешто подоцна Мбапе постигна гол, но тој беше поништен поради офсајд. Се чинеше дека Реал е во мат-позиција кога на десет минути пред крајот Винисиус мораше да излезе поради црвен картон, но Анчелоти тогаш го извлече својот ас од ракавот.

Во исто време на терен го испрати Модриќ кој пет минути подоцна погоди за израмнување, а во 96. минута Белингам го комплетира пресвртот по една неверојатна грешка на одбраната на Валенсија која буквално му ја подари топката. Мадридскот тим сега е лидер на табелата со два бода, но и натпревар повеќе од градскиот ривал Атлетико.