Серлот херој, Атлетико со пресврт до убедлива победа (ВИДЕО)

Иако на полувреме губеше со 0-1, Атлетико Мадрид ја оствари петтата победа во сезоната во Ла Лига и остана една од двете непоразени екипи во шпанската елитна дивизија.

„Јорганџиите“ го совладаа градскиот ривал Леганес со 3-1 и покрај тоа што до 69. минута беа во негатива од еден гол. Леганес поведе преку Неју на десетина минути пред крајот на првото полувреме, предноста ја имаше до средината на вториот дел, а потоа се разигра Серлот кој беше клучен за победата на Атлетико.

Норвежанецот прво на атрактивен начин погоди на асистенција на Витсел за израмнување, Атлетико дојде до предност по голот на Гризман, а Серлот го постави конечниот резултат во десеттата минута од судиското продолжение. Впечаток е дека за барем два од трите гола, вина има противничкиот голман Дмитровиќ.

 

 

Со оваа победа, Атлетико стигна до 20 бода во првенството и ја продолжи потерата по водечкиот двоец Барселона-Реал.