Сари со порака до Куртоа: Биди маж и сам кажи ми дека ќе си одиш!

Сапуницата со белгискиот голман Тибо Куртоа и неговото (не)одење во Реал Мадрид можно е да добие завршница во следните 48 часа, откако менаџерот на лондонски Челси на прес-конференција му порача дека очекува од „единицата“ да дојде и во лице да му каже дека сака да си замине на „Сантјаго Бернабеу“.

Веќе цел месец се најавува евентуалниот трансфер на Куртоа, кој потоа беше запрен затоа што „сините“ не можеа да најдат соодветна замена, но според медиумите наводно менаџерот на Белгиецот официјално ја известил управата дека неговиот клиент сака да оди во Реал Мадрид. Реал беше подготвен да плати 35 милиони евра за Куртоа, кој има само уште една година од договорот на „Стемфорд бриџ“.

„Прочитав сè и сешто во изминатиот период, посебно дека Челси јасно му ставила до знаење на Тибо дека сè зависи од него, но тој јасно стави до знаење дека најдобрата одлука за него е да оди во Реал Мадрид“, рече менаџерот Кристоф Онротеј.

Сега, Сари му порача на Белгиецот да дојде лично да му каже дека е незадоволен и дека сака да си оди.

„Немам реакција за менаџерот. Не ме интересира менаџерот. Јас сакам да слушнам од Тибо. Ако тој утре ми го каже истото (дека сака да си оди – н.з.), тогаш јас ќе зборувам со управата, од проста причина што сакам во тимот да имам играчи кои се силно мотивирани, а не незадоволни. Затоа немам што друго да му порачам на менаџерот“, рече Маурицио Сари, новиот кормилар на лондонските „сини“